Фон дер Лајен и Борел го обвинија Путин за смртта на Навални

Европските власти денеска го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на „Х“ изјави дека е длабоко вознемирена и тажна од веста за смртта на Навални и оцени дека Путин не се плаши ништо повеќе од „несогласување од сопствениот народ“.

-Мрачно потсетување за тоа што се Путин и неговиот режим, рече Фон дер Лејен на социјалната мрежа „Х“ и повика на единство во борбата за заштита на слободата и безбедноста на оние кои се осмелуваат да застанат, како што напиша таа, „против автократијата“.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека е шокиран од веста за смртта на Навални, кого го нарече „храбар човек кој го посветил својот живот за да ја спаси честа на Русија, давајќи им надеж на демократите и граѓанското општество“.

-Додека чекаме дополнителни информации, да бидеме јасни: ова е единствена одговорност на Путин, изјави Борел на социјалната мрежа „Х“.