Фајненшл тајмс: ЕП ќе ја тужи ЕК поради нејзината одлука да и дозволи на Унгарија пристап до фондовите

Европскиот парламент ќе ја тужи Европската комисија поради нејзината минатогодишна одлука да и дозволи на Унгарија пристап до милијарди евра кои и беа замрзнати во европските фондови.

Лидерите на партиите во Европскиот парламент се договориле да ја тужат ЕК пред Европскиот суд на правдата, пишува Фајненшл тајмс, пренесува МИА.

Потегот на ЕП може, според весникот, да ја искомплицира кандидатурата на Урсула фон дер Лајен за втор мандат на претседател на Комисијата оваа година.

Пред една година, извршната власт на Европската унија блокираше значителни суми пари наменети за Унгарија, загрижена дека демократското назадување на националистичката влада на премиерот Виктор Орбан може да го загрози европскиот буџет.

На 13 декември, ЕК деблокираше третина од околу 30 милијарди евра средства бидејќи Орбан изгледаше подготвен да им пркоси на своите партнери во ЕУ и да стави вето на отворањето на преговорите за членство со Украина и финансирањето на нејзината економија разурната од војна.

По потегот на Фон дер Лајен, Орбан ја поддржа одлуката на ЕУ да испрати помош од 50 милијарди евра за Киев.

Роберта Мецола, претседателката на парламентот, рече дека ќе поднесе тужба пред 25 март.