Украинско Јавно обвинителство: Руската армија од почетокот на инвазијата уби 515 деца во Украина

До 2 јануари, 515 деца се убиени во Украина како резултат на руската инвазија, објави Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина на Телеграм, пренесува Укринформ.

„Повеќе од 1.694 деца во Украина настрадаа од целосната вооружена агресија на Руската Федерација. Од утрото на 2 јануари 2024 година, според официјалните информации дадени од обвинителите за малолетници, загинале 515 деца, а повеќе од 1.179 се здобиле со повреди од различен степен на сериозност“, се наведува во соопштението од Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина.

Од 31 декември 2023-та до 2 јануари 2024 година, убиени се 2 деца, а и повеќе од 10 се здобиени со повреди како резултат на руската агресија.

„На 31 декември 2023 година, 11-годишно момче беше убиено, а 9-годишно момче беше повредено во руското гранатирање на градот Херсон. 13-годишно девојче е повредено во руски ракетен напад врз Покровск во Доњецката област. Дополнително, 17-годишно девојче се здоби со повреди при гранатирање на градот Старокостијантинов од областа Хмелницки.

На 1 јануари, 15-годишно момче беше убиено во напад на руски авиони во Одеса. На 2 јануари, 2-годишно момче беше повредено во руски ракетен напад врз Кијив. Истиот ден, пет деца на возраст од 6 до 13 години беа повредени во руски ракетен напад врз Харкив“ соопштуваат од Јавното обвинителство на Украина.

Оттаму соопштуваат дека во моментов, најмногу убиени и повредени деца се регистрирани во регионите: Доњецк (498), Харкив (306), Херсон (143), Кијив (129), Днепропетровск (105), Запорижја (100), Миколаев (97), Чернихив (72) и Луганск (67).

Како што прецизираат, овие податоци не се конечни, бидејќи се истражува во областите на воените дејствија, привремено окупирани и ослободени украински области.

Подготви: Ј. Ѓ./Фронтлајн