Украинско МНР: Одржувањето „избори“ за претседател на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина е незаконски и нема да има никакви правни последици

Тековната кампања во Руската Федерација за имитирање на претседателски избори, која руските власти ја спроведуваат во привремено окупираните делови на територијата на Донецката, Луганската, Запорижската, Херсонската област во Украина, како и во Автономната Република Крим и градот Севастопол, го покажува континуираното дрско непочитување на нормите и принципите на меѓународното право од страна на Руската Федерација, се наведува во соопштение од Министерството за надворешни работи на Украина.

И покрај повеќекратната осуда од светската заедница за одржувањето од страна на Руската Федерација на правно неважечки настани под превезот на „псевдореферендуми“ и „избори“ на привремено окупираните територии на Украина, раководството на РФ намерно ги игнорира повиците за да престане со ваквите дејствија и, спротивно на бројните резолуции на Генералното собрание на ОН и одлуките на голем број други авторитетни меѓународни организации за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, не се откажува од обидите за анексија на териториите на Украина привремено окупирани од Руската Федерација како резултат на вооружената агресија со проширување на нормите на руското законодавство на нив.

Министерството за надворешни работи на Украина нагласува дека одржувањето „избори“ за претседател на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина – Автономната Република Крим и градот Севастопол, делови од Донецката, Луганската, Запорижската, Херсонската област на Украина – е незаконски и нема да има никакви правни последици.

Незаконски е исто така и присилното учество на таканаречените „избори“ на милиони украински граѓани кои живеат на привремено окупираните територии или биле насилно преселени на територијата на РФ. Ова, во комбинација со отсуството на какви било знаци на усогласеност на изборната кампања во РФ со општо признатите демократски принципи и стандарди за спроведување избори, елиминацијата на противниците на руските власти, ја доведува во прашање објективноста и легитимноста на какви било резултати на овие „псевдоизбори“.

Ги повикуваме граѓаните на Украина, кои живеат на привремено окупираните територии на Украина или се насилно присутни на територијата на Руската Федерација, да не учествуваат на „псевдоизборите“ за претседател на РФ. Заради ваша безбедност и земајќи ја предвид тенденцијата на руските власти на провокации, ве повикуваме во деновите на гласање да избегнувате места на масовни собири на луѓе во близина на „избирачките места“, објектите на воената инфраструктура на окупаторските сили на РФ.

Украина ги повикува странските земји и меѓународните организации да не испраќаат меѓународни набљудувачи да учествуваат во уште една фарса, која Кремљ ја претставува како претседателски избори организирани од него, особено на суверената територија на Украина, да се воздржат од признавање на нивните резултати и предупредува дека сите прекршители на украинското законодавство ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Руската диктатура одамна нема ништо заедничко со демократијата, вклучително со процедурата на отворени и конкурентни избори. Владимир Путин, кого Меѓународниот кривичен суд го бара со потерница поради сомнение дека извршил тешки воени злосторства, веќе 24 години се држи на власт не по слободната волја на народот, туку со манипулација со уставот на Руската Федерација, тотална пропаганда, уништување на какви било манифестации на политичка конкуренција и политичко насилство, вклучително и убиства на истакнати независни политички фигури.

Понатамошното зачувување на агресивниот и реваншистички режим на Путин претставува предизвик без преседан за Европа, Централна Азија и другите региони во светот во кои може да се прошири рускиот терор и хаос. Игнорирањето на ова ќе доведе до дополнително зголемување на заканата за меѓународниот мир и безбедност.

Ги повикуваме меѓународните медиуми и јавни личности да не му помагаат на Кремљ да создаде илузија за изборен процес и да не ја нарекуваат оваа фарса „избори“ користејќи ја терминологијата својствена за демократските држави.

Додека Владимир Путин продолжува со личното владеење, ние го повикуваме демократскиот свет да ја потврди својата почит кон човечкиот живот, владеењето на правото и демократските вредности со максимална поддршка на Украина и на украинскиот народ во борбата против рускиот терор, како и максимална поддршка на целите и принципите на Повелбата на ОН преку континуирано непризнавање на руска окупација на територијата на нашата држава, се вели во соопштението.