Украина, Блискиот Исток и проширувањето на ЕУ меѓу темите на заседанието на ГАК

Подготовките за средбата на шефовите на држави или влади на членките на Унијата закажана за 21 и 22 март се главна тема на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел, со кое ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи и надворешна трговија Хаџа Лабиб, пренесува МИА.

Министрите или државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на Унијата во тој контекст ќе дебатираат за нацрт-заклучоците за Самитот посветени на состојбите во Украина и на Блискиот Исток, проширувањето на ЕУ, безбедноста и одбраната и на земјоделската политика.

На заседанието на Советот ќе стане збор и за Европскиот семестар за 2024 година, односно за рамката за социо-економските политики на ЕУ, при што министрите ќе го разгледаат извештајот на белгиското претседателство за досега реализираните планови, како и за следните чекори во процесот. Во овој дел од состанок, Советот ќе ја разгледа и Нацрт-препораката за економската политика на Еврозоната, која би требало да биде усвоена на претстојниот Самит на ЕУ.

Покрај тоа, учесниците на заседанието ќе разменат мислења и за иднината на Европа, со посебен акцент на внатрешните реформи на Унијата со цел таа да се прилагоди за прием на нови членки.