„Путин да ја прекине војната и да ја ангажира дипломатијата“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг од прес конференцијата во пресрет на утрешниот вонреден самит на Алијансата на кој поради новата реалност од лидерите на земјите-членки ќе побара дополнителна воена поддршка и повеќе инвестиции во одбраната.

„Очекувам лидерите утре да се согласат за зајакнување на стабилноста во сите сфери, особено преку зголемено присуство на сили во Источното крило, и тоа на копно, во вода и воздух. Прв чекор е распоредување на четири нови баталјони во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Заедно со постојните сили во балтичките земји и Полска, тоа значи дека ќе имаме осум баталјони во сите земји од Источното крило“, рече Столтенберг.

Столтенберг исто така изрази загриженост за, како што вели, политичката поддршка што Москва ја добива од Пекинг. Воедно најави дека заедно со Европската унија ќе работи на засилување на сувереноста на Грузија и Босна и Херцеговина.

Генералниот секретар рече и дека на утрешниот Самит преку видео врска ќе се вклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Утре има три важни состаноци, на Г7, НАТО и ЕУ. Очекуваме нов пакет санкции и нова помош. Ќе продолжиме да работиме и да се бориме како што можеме. До крај. Храбро и отворено“, рече Зеленски.

Во Брисел ќе слета и американскиот претседател Џо Бајден, кој се очекува да го постави прашањето за новиот пакет санкции, но ќе побара и доследно спроведување на веќе воведените.

„Она што ќе го кажам е дека еден од клучните елементи ќе се фокусира не само на воведувањето нови санкции, туку и на зацврстувањето, односно дека имаме заеднички напори против заобиколување на санкциите. Било каков обид за поткопување, ослабнување или заобиколување на санкциите, од било која земја, во основа може да и помогне на Русија. Тоа е важен дел од оваа следна фаза“, рече Џек Саливан – советник за национална безбедност на САД.

Според пишувањата на американските медиуми, новите санкции би ги таргетирале руските политичари и олигарси. Весникот „Политико“ пак, пишува и дека ќе биде покренато прашањето за продолжување за уште една година на мандатот на Столтенберг, кој завршува оваа есен.

На Самитот македонската делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министрите за одбрана Славјанка Петровска, и за надворешни работи, Бујар Османи.

Лука Андреев