Столтенберг: На Украина и треба попредвидлива и поробусна поддршка

Потребна ни е рамка за поддршка на Украина, која ќе биде попредвидлива и на земјата ќе и ја гарантира помошта која и е неопходна, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред денешниот почеток на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата во Брисел, пренесува МИА.

Во одговор на новинарско прашање во врска со информациите дека планира за предложи фонд од 100 милијарди евра за поддршка на Украина, Столтенберг изјави дека не може да даде детали за планот, нагласувајќи дека на земјата и е потребна поробусна поддршка која нема да зависи од доброволните понуди на одделни држави, туку ќе се базира на долгорочната посветеност на НАТО.

Дипломатски извори: Столтенберг ќе предложи фонд за Украина од 100 милијарди евра

– Потребно е да ја институционализираме таа поддршка во рамките на НАТО, за да ја направиме попредвидлива и поробусна. На Украина и треба долгорочна робусна и предвидлива поддршка и ние тоа ќе и го дадеме, истакна Столтенберг.

Според него, таа поддршка е важна бидејќи со тоа се испраќа и јасна порака до Москва дека не може да победи на бојното поле.

– Ако сакаме војната да заврши, треба што поскоро да ја убедиме Москва дека не може да победи на бојното поле и во војната, туку треба да седне на преговарачка маса за договор прифаќајќи ја Украина како независна и суверена држава, додаде Столтенберг.