Стивен Џерард по превземањето на Ал Етифак започна со составување на тимот со кој ќе атакува на шампионската титула во Саудиска Арабија. На прагот на премин на егзотичната дестинација се наоѓа Џордан Хендерсон, а во нападот има место за уште еден фудбалер од Премиерлигата – Мајкл Антонио.

Репрезентативецот на Јамајка кој е роден во Англија е голема желба на англискиот стратег, а воедно и самиот изразил интерес за премин во Ал Етифак, пренесуваат англиските медиуми. Верниот „чекичар“ е дел од Вест Хем од 2015 година и досега одолеваше на понуди за премин во друг клуб, но овој пресуди големата финансиска понуда на Ал Етифак

Антонио кој е добро познат по својата итрина и борбеност во осумте години поминати во клубот настапи на 276 натпревари за Вест Хем, а претходната сезона со шест гола и две асистенции во Конференциската лига беше еден од клучните играчи за првиот европски трофеј во историјата на клубот.

Преговорите со Ливерпул за Џордан Хендерсон моментно се запрени поради инсистирањето на „црвените“ за отштета од 20 милиони фунти, двојно повеќе од она што Ал Етифак го испрати како понуда. Во ситуација кога останатите клубови сериозно се засилуваат, јасно е дека газдите ќе мора да му ги исполнат желбите на Џерард и да ги доведат Хендерсон и Антонио за да биде составен конкурентен тим за новата сезона./Ekipa.mk/

Прикажи повеќе