Специјално за Цивил Медиа: Изјава на МНР на Украина по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот

На 27 јануари, во согласност со резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 1 ноември 2005 година, светската заедница го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот – милиони Евреи истребени од нацистите за време на Втората светска војна.

За Украина, овој ден е полн со посебна трагедија, со оглед на тоа дека најмалку еден и пол милион луѓе – четвртина од сите Евреи во Европа мачени од нацистите – беа уништени во мрачните денови на Шоа на украинска почва, се вели во изјавата на украинското МНР дадена за ЦИВИЛ МЕДИА.

Нашите народи ги обединува болката од трагедиите на Гладоморот и Холокаустот. Мора да ги паметиме и темелно да ги истражиме трагичните страници од нашата заедничка историја, да ја заштитиме историската вистина и правда.

Почнувајќи од 2012 година, Украина секоја година го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.

На 14 мај 2021 година, нашата земја за прв пат официјално го одбележа Денот на почитувањето на споменот на Украинците кои ги спасуваа Евреите за време на Втората светска војна. Специјалната комисија на еврејскиот меморијален музеј „Јад Вашем“ утврди речиси 2.700 имиња на такви украински херои, доделувајќи им ја почесната титула „Праведници меѓу народите“. Украина е рангирана на четвртото место во светот според бројот на Праведници меѓу народите, по Полска, Холандија и Франција.

Зачувувањето на историската меморија е важна компонента на хуманитарната политика на Украина. Имаме одговорност пред сите минати и идни генерации да ја вратиме историската правда. Ова е особено важно за да се зачува и да им се пренесе на наследниците споменот на трагедијата на Холокаустот, бидејќи секоја година бројот на преживеани се намалува.

Руската инвазија од големи размери во Украина ги врати најлошите злосторства од војната на европскиот континент. Војната не ги одмина местата на заедничка тага на украинскиот, еврејскиот и ромскиот народ – на 1 март 2022 година, руското гранатирање на главниот град на Украина го загрози зачувувањето на споменот на жртвите на Бабин Јар, каде што погоди една од непријателските ракети.

Како резултат на инвазијата на РФ, беа уништени други споменици и меморијали на загинатите Евреи, како и еврејски гробишта низ цела Украина. Жртви на РФ станаа и Украинци кои го преживеаја Холокаустот и нацистичката окупација, но загинаа за време на војната од големи размери на РФ против Украина. Денес го овековечуваме споменот на жртвите на нацизмот и рашизмот, вклучително на Ванда Обједкова, која преживеа во Мариупол окупиран од нацистите, но почина 80 години подоцна – на 4 април 2022 година – кога улиците и куќите на градот беа уништени од руска артилерија и авијација. Го почитуваме споменот на Украинецот Борис Романченко, кој беше заробеник во концентрационите логори на нацистичка Германија, а подоцна беше убиен на 96-годишна возраст во неговиот стан во Харкив, кој беше погоден од русите со смртоносно оружје на 18 март 2022 година.

Ја повикуваме меѓународната заедница да се придружи во почитувањето на споменот на невините жртви на тоталитарните нацистички, комунистички и режимот на Кремљ, да ппомогне во обновувањето на историската вистина и да ги изведе виновниците за злосторствата пред лицето на правдата, се вели во коментарот на МНР на Украина.

Подготви: Драган Мишев