Сопругата на Навални: Алексеј не можеше да биде скршен, затоа Путин го уби

Вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навални, во видео објавено денеска вети дека ќе продолжи со работата на својот сопруг, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин дека го „убил“.

„Пред три дена Владимир Путин го уби мојот сопруг Алексеј Навални. Путин го уби таткото на моите деца. Со него (Путин) сакаше да ја убие нашата надеж, нашата слобода, нашата иднина“, рече таа во видеото објавено на социјалните мрежи.

Додека бил во затвор, како што рече, Навални бил „малтретиран, отсечен од светот“, но сепак не се откажал.

„Мојот сопруг не можеше да биде скршен, затоа Путин го уби“, изјави Јулија Навални.

Таа вети дека нејзиниот тим ќе открие кој и под кои околности го извршил делото.

„Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални. Ќе продолжам за нашата земја, со вас. И ве повикувам сите да бидете со мене… Не е срамота да се направи малку, срамота е да не се прави ништо, срамота е да дозволите да ве исплашат“, рече Јулија Навални.