Советот на ЕУ и Европарламентот постигнаа договор за реформа на фискалните правила

Преговарачите на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кој ги претставува земјите-членки, денеска во раните утрински часови постигнаа привремен политички договор за реформа на фискалните правила на ЕУ, што предвидува малку пофлексибилни правила од досегашните. Сега останува и двете законодавни институции на ЕУ – Советот и Парламентот да гласаат за овој политички договор, кој ќе стапи во сила по објавувањето во службен весник, објави Европскиот совет.

Новите правила треба да го заменат превентивниот дел од Пактот за стабилност и раст, кој предвидува дека буџетскиот дефицит не смее да надмине три отсто од БДП, а јавниот долг да не надминува 60 отсто од БДП.

Примената на тој пакт беше прекината во 2020 година поради пандемијата на коронавирус, а суспензијата истече на последниот ден од минатата година. Поради претстојните избори за Европскиот парламент во јуни, ова беше последна шанса да се договорат нови правила, бидејќи во спротивно ќе требаше да се применат сегашните, кои се применуваа пред пандемијата.

Според новите правила, земјите-членки со голем јавен долг над 90 отсто од нивниот БДП ќе мора да го намалуваат долгот за еден процентен поен годишно, а оние со умерен долг меѓу 60 и 90 отсто од БДП за 0,5 процентни поени. Сегашните правила предвидуваат сите земји-членки со долг над 60 проценти да го намалуваат тој долг за пет проценти годишно од износот што го надминува соодносот од 60 проценти во БДП.

Сите земји членки ќе подготват среднорочни планови во кои ќе ги наведат целните расходи и кои инвестиции и реформи ќе ги преземат. Државите со високи дефицити и јавен долг ќе добијат насоки од Комисијата пред да ги подготват своите планови, кои треба да им помогнат одржливо да го намалат долгот.

Новите правила ќе се применуваат за изготвување на националните буџети за следната година, а земјите-членки ќе треба да ги поднесат своите први планови до 20 септември 2024 година.

Земјите со дефицит над 3 отсто од БДП ќе треба да го намалат во период на економски раст за да го доведат дефицитот на ниво од 1,5 отсто од БДП и на тој начин да создадат резерва за периодот кога економијата не расте или опаѓа.

Државите со долг над 60 отсто од БДП нема да мора да го намалат под тоа ниво на крајот од периодот опфатен со планот, туку ќе мора да имаат намалување на долгот по „разумна надолна траекторија“ на крајот од договорениот период.

Државите ќе можат да побараат да поднесат ревидиран план во случај да постојат објективни околности што го спречуваат неговото спроведување, вклучително и промена на власта.

Во своите национални планови, земјите-членки ќе треба да се обврзат да инвестираат во приоритетни области дефинирани на ниво на ЕУ, како што се климата и дигиталната транзиција, енергетската безбедност и одбраната.

Комисијата мора да ги земе предвид веќе преземените инвестиции во овие области кога го изготвува својот извештај за отстапувањата на земјата-членка од нејзиниот пат на трошоци. На овој начин, земјите-членки би можеле да избегнат поведување постапки поради прекумерен дефицит доколку докажат дека овој дефицит се користи за финансирање инвестиции во приоритетни области.

Освен тоа, средствата со кои земјата-членка ги кофинансира програмите кои во најголем дел се финансираат од европскиот буџет нема да се бројат како расходи, со што ќе се создаде поттик за уште повеќе да инвестираат.

Новите правила содржат одредби кои на земјите-членки им даваат дополнителни три години за да ги исполнат целите поставени во четиригодишните национални планови. Овој продолжен рок ќе биде одобрен само кога преземените инвестиции и реформи ќе обезбедат основани причини за тоа, согласно одредени критериуми.

Советот на ЕУ ќе може да ѝ одобри на една земја-членка отстапување од патеката за намалување на расходите во случај на вонредни околности кои имаат големо влијание врз нејзините јавни финансии. Ова отстапување ќе се одобри за период од една година и дополнително за уште една година доколку се уште постојат тие вонредни околности.

Договорот го поздрави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Го поздравувам политичкиот договор за нашата амбициозна реформа на економското управување на ЕУ. Новите правила ќе им овозможат на земјите на ЕУ да инвестираат во своите економии со консолидирање на своите јавни финансии“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.

Постигнатиот договор е компромис меѓу земјите кои се за строга фискална дисциплина, како што се Германија или Холандија, и оние земји со повисок јавен долг кои бараа поголема флексибилност.

Г. Т.