Советот НАТО-Украина ќе се состане оваа недела

На овонеделните состаноци на Советот НАТО-Украина и Контакт групата за одбрана на Украина предводена од САД ќе се разговара за поддршката на Алијансата за Кијив, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција пред состаноците на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, јави дописникот на Укринформ.

„Оваа недела ќе одржиме и состанок на Советот НАТО-Украина и виртуелен состанок на Контакт групата за одбрана на Украина предводена од САД. И двата состаноци ќе се фокусираат на нашата поддршка за Украина“, посочи Столтенберг.

Тој истакна дека сојузниците од НАТО ќе продолжат да и помагаат на Украина да се приближи до НАТО стандардите, од набавки до логистика.

„Сојузниците продолжуваат да вршат големи испораки на оружје, опрема и муниција. Оваа поддршка прави вистинска разлика. Со наша помош, храбрите Украинци вратија половина од територијата што Русија ја зазеде, отворија коридор во Црното Море и им нанесуваат големи загуби на руските сили“, рече генералниот секретар.

Според него, поддршката на НАТО е „пример за вистинско трансатлантско споделување на товарот“. Тој, исто така, ја поздрави неодамнешната одлука на Европската Унија за голема нова помош, додавајќи дека смета дека „наскоро ќе следи американскиот Конгрес“.

„Тоа не е добротворен чин туку инвестиција во нашата сопствена безбедност“, нагласи Столтенберг.

М. Пешевска