Смртта на висок функционер на Хамас ги отежнува преговорите за ослободување на заложниците, велат катарските власти, Блинкен повторно пристигнува во регионот

Смртта на заменик-лидерот на Хамас, Салех ал-Арури ги отежнува преговорите за постигнување договор за ослободување на заложниците кои ги држеше палестинското движење во Појасот Газа, јави ДПА, повикувајќи се на катарските власти.

Катар, заедно со Египет и САД, се посредници во војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, пренесува МИА.

Американското издание Аксиос, повикувајќи се на катарски функционер и израелски извор, објави дека катарскиот премиер и другите катарски официјални лица им кажале на семејствата на шесте американски и израелски заложници дека смртта на Ал-Арури ги отежнува напорите да се постигне нов договор.

Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани им кажа на роднините на заложниците дека тој лично е посветен на постигнување нов договор за ослободување на овие луѓе.

Вкупно 105 заложници беа ослободени кон крајот на ноември како дел од претходниот договор меѓу израелската влада и Хамас. За возврат, Израел ослободи 240 Палестинци од израелските затвори.

Израел сега е под силен меѓународен притисок поради многуте цивили убиени во војната во Појасот Газа и поради уништувањето предизвикано таму од израелската операција започната откако Хамас ја нападна израелската територија на 7 октомври, при што загинаа 1.200 луѓе, забележа ДПА. Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, повеќе од 22.400 луѓе загинале, а повеќе од 57.600 се повредени во енклавата од почетокот на израелската операција таму.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен по четврти пат ја започна турнејата во регионот. Тој синоќа пристигна во јорданската престолнина Аман по еднодневната посета на Турција и Грција.

Блинкен подоцна денеска ќе има средба со јорданскиот крал Абдула Втори. Пред заминувањето за Аман синоќа во Ханија, на грчкиот остров Крит, Блинкен рече „мора да се погрижиме конфликтот да не се прошири“. Тој додаде дека ситуацијата на границата меѓу Израел и Либан предизвикува вистинска загриженост и „мораме да направиме се што е можно за да нема ескалација“.

-Сакаме да бидеме сигурни дека истомислениците како нас ќе ги искористат своите врски, нивното влијание врз некои од актерите кои би можеле да бидат вклучени, да ја задржат контролата над работите, да се осигураме дека конфликтот нема да се прошири, додаде Блинкен и укажа на важната улога што може да ја одигра Турција.

Блинкен ја нагласи и потребата од зголемување на хуманитарната помош за палестинското население во Газа, намалување на бројот на цивилни жртви, работа за регионален, траен мир и унапредување на создавањето на палестинска држава.

По Јордан, Блинкен ќе отпатува за Катар каде ќе се сретне со локалните лидери. Денот ќе го заврши со посета на Абу Даби, а утре оди во Саудиска Арабија. Потоа ќе го посети Израел каде, како што самиот призна, очекува дека разговорите нема да бидат лесни.