Скај њуз: Русија го попречи сателитскиот сигнал на авионот што го превезуваше Грант Шапс

Се верува дека Русија го попречи сателитскиот сигнал на авионот што го користел министерот за одбрана Грант Шапс за да патува од Полска назад во Британија, јавува Скај њуз, пренесе МИА.

Пријавено е дека GPS сигналот бил попречен околу 30 минути додека авионот летал блиску до руската балтичка ексклава Калининград.

Мобилните телефони повеќе не можеле да се поврзат на интернет и авионот бил принуден да користи алтернативни методи за да ја одреди локацијата.

Шапс денеска спроведува еднодневна посета на источна Европа за да се сретне со војниците на ОК што учествуваат во вежбата „Стедфест Дифендер“.

Според Скај њуз, авионот го превезуваше Шапс назад од Полска – тој беше во посета на голема вежба на НАТО таму.

-Одбранбените извори велат дека немало опасност за авионот и пилотите користеле алтернативни методи за навигација, пишува Скај њуз.