На барање на Светската здравствена организација (СЗО), Кина треба да испрати детални информации за зголемувањето на респираторните заболувања и пријавени кластери на пневмонија кај децата, пренесува Ројтерс.

СЗО препорачува да се преземат чекори за намалување на ризикот од респираторни заболувања.

„Додека ги бараме овие дополнителни информации, им препорачуваме на луѓето во Кина да следат мерки за намалување на ризикот од респираторни заболувања, кои вклучуваат препорачана вакцинација, држење на растојание од болни луѓе; останување дома кога е болно, тестирање и медицинска нега по потреба, носење маски како што е соодветно, обезбедување добра вентилација и редовно миење на рацете“, препорачуваат од СЗО.

Си-Ен-Ен, повикувајќи се на податоци од Меѓународното здружение за следење на заразни и нови болести, објави дека детските болници во делови од земјата наводно се полни со болни деца.

Според СЗО, во северна Кина е забележано зголемување на случаите на симптоми слични на грип од октомври во споредба со истиот период во изминатите три години, состојба што кинеските власти ја припишуваат на укинувањето на мерките против ковид-19.

Кинеските власти минатата недела објавија дека има зголемување на респираторните заболувања низ целата земја – особено грип, корона, микоплазма пневмонија, честа бактериска инфекција што ги погодува малите деца и респираторниот синцицијален вирус (РСВ).