Училиште во Мариупол во кое имало 400 луѓе било бомбардирано од руската армија, соопштија украинските власти. Во објава на Телеграм, градскиот совет наведе дека училишната зграда е уништена, а многу цивили останале под урнатините. Според официјалните лица, во ова училиште се криеле жени, деца и стари лица. Сè уште нема извештаи за загинати. Украинскиот претседател руските напади врз опколениот град Мариупол ги нарече акти на терор.

Advertisements

„Блокираниот Мариупол ќе остане во историјата на одговорноста за воените злосторства. Да се направи ова со мирен град е ужас што ќе се памети по еден век. И колку повеќе Украинците му кажуваат на светот за тоа, толку поголема поддршка добиваме. Колку повеќе Русија користи терор против Украина, толку полоши ќе бидат последиците за неа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Вицепремиерката на Украина ја обвини Русија дека извршила акти на „геноцид“ за време на окупацијата на нејзината држава. Говорејќи за „Скај“, Олха Стефанишина рече дека „апсолутно верува“ оти актите на геноцид биле извршени од рускиот режим и рече дека претседателот Владимир Путин и лидерите на Кремљ „се воени злосторници“.

По претходните извештаи за експлозии во фабриката за железо и челик во Мариупол, позната како фабрика Азовстал, украински официјални претставници потврдија дека таа е уништена од руското гранатирање.

Претставници на украинската одбрана тврдат дека нивните сили целосно го уништиле рускиот воздушен полк Кострома 331. Украина тврди и оти убиле висок офицер на руската морнарица. Генералштабот на Украина на Фејсбук напиша дека капетан Андреј Палиј бил убиен од украинските сили за време на тешки борби, иако околностите околу неговото убиство се нејасни. Москва сè уште не ги коментира ваквите наводи.

Русија, пак, соопшти дека употребила нови хиперсонични ракети. Според руските власти, уништено било складиште за гориво во јужна Украина.

„Ракетниот систем Кинжал со балистички проектили уништи големо складиште за гориво на украинските вооружени сили во близина на населбата Костинатиновка во регионот на Миколаев“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана

Вчера Русија за прв пат информираше дека користела хиперсонични ракети за време на еден напад во западна Украина. Употребата на ова оружје подоцна ја потврдија и украинските власти. Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации објави дека од 24 февруари до полноќ на 19 март загинале најмалку 902 цивили, а 1.459 биле повредени. Во меѓувреме, шефот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации изјави дека десет милиони луѓе веќе ги напуштиле своите домови низ Украина поради „деструктивната“ војна на Русија. Најголемиот дел од нив се внатрешно раселени низ државата. /Алсат.мк

Шкелзен Аќифи