Русија се обидува да ја прекине секоја врска која децата ја имаат со Украина, потребни се брзи дејствија за да се вратат дома – претседателот на инаугуративниот состанок на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца

Украинскиот претседател Володомир Зеленски учествуваше на инаугуративниот состанок на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, противправно депортирани и присилно раселени во Руската Федерација од привремено окупираните територии на нашата држава.

Отворајќи го состанокот на коалицијата во Кијив, тој изрази благодарност на сите оние кои се приклучија на Меѓународната коалиција.

„Присилната депортација е едно од најциничните злосторства на оваа војна. Децата не се само ‘одземени’ од окупираните територии на Украина. Русија намерно се обидува да ја прекине секоја врска што децата ја имаат со Украина, со нивните роднини и нивните најблиски. Децата се учат на лаги за Украина и оваа војна. Тие се ставаат на нелегално посвојување, дури и кога велат дека имаат роднини тука, во Украина и се обидуваат да го обноват контактот со нивните семејства“, рече Володомир Зеленски.

Тој додаде дека во Русија се прават напори да се избрише националниот идентитет на младите Украинци, што е доказ за геноцидната политика на Русија кон Украина.

„Светот знае дека ова злосторство извршено од страна на Русија врз украинските деца, врз нашите семејства, не е нешто случајно, туку организиран напор на рускиот државен систем – различни гранки и поединци, од Путин до сите оние кои вршат криминални наредби и уништуваат животи, особено оние на децата“, рече Володомир Зеленски.

Шефот на украинската држава додаде дека налозите од Меѓународниот кривичен суд за апсење на претседателот Владимир Путин и рускиот детски правобранител Марија Лвова-Белова се убедлив доказ дека депортацијата на децата нема да помине неказнето.

Истовремено, Зеленски истакна дека времето е клучно во однос на прашањето за враќање на украинските деца. Според него, важно е младите Украинци да не го изгубат целото детство во туѓа земја, а суровоста на руските државни криминалци да не ги скрши децата и нивната врска со својата земја и најблиските.

„Русија сама тврди дека има стотици илјади депортирани украински деца кои ги украла од Украина и се обидува да ги асимилира во своето општество. Потребни се што е можно побрзи и поенергични напори за враќање на сите овие деца“, рече тој.

Шефот на државата потсети дека една од точките на Украинската мировна формула е враќање на луѓето од руската депортација и заробништво.

„Ве повикувам да ја прошириме нашата коалиција – да ги зголемиме шансите секое украинско дете да живее дома, да живее воопшто, да се врати не по години, туку што е можно поскоро“, рече Володомир Зеленски.

Лидери на светски нации, претставници на странски влади и парламенти, меѓународни застапници за човекови права, како и јавни и културни личности, учествуваа на инаугуративниот состанок на Меѓународната коалиција на земји за враќање на украинските деца, лично и преку видео врски.

Поконкретно, претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса, во видео обраќање потврди „Присилната депортација на деца е во спротивност со меѓународното хуманитарно право и основните права на детето и луѓето. Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење, а многу организации за правата на децата изразија загриженост за ова исклучително важно прашање. Важно е, исто така, да се осигура одговорност за оние кои ги извршиле овие злосторства. Затоа Португалија воспостави центар за гонење на оние кои вршат злосторства за агресија против Украина“.

Тој изјави дека заедно со Европската унија и другите меѓународни партнери, Португалија ја потврдува својата непоколеблива посветеност за поддршка на Украина.

Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда, во видео обраќање, рече дека руското присилно раселување на украински деца претставува едно од нејзините најгрозоморни злосторства во војната против Украина. Рускиот режим раздвојува семејства, ги поткопува силните врски меѓу родителите и децата и го нарушува чувството на личниот идентитет.

„Литванија, заедно со целиот демократски свет, останува солидарна со Украина. Бараме итно враќање на сите украински деца во нивите семејства од страна на Русија“, рече Гитанас Наузеда.

Претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, во нејзиното видео обраќање, нагласи дека денес се одбележува важен чекор во заедничките напори да се вратат украинските деца дома.

„Ние сме исклучително решени да го организираме овој процес. Исто така, разочарани сме што во 21 век, илјадници деца се противправно одземени од нивните места на живеење и најмладата и најранлива популација страда од руската агресија“, рече таа.

Според Зузана Чапутова, сите оние кои се одговорни за злосторства против децата мора да бидат идентификувани и повикани на одговорност.

За време на неговото обраќање, премиерот на Ирска, Лео Варадкар, истакна дека денешниот состанок на Меѓународната коалиција за вреќање на децата претставува исклучително важен чекор за потсетување на Русија дека сите дејствија имаат последици. Тој нагласи дека неговата земја се обидува да помогне да се обезбеди безбедно враќање на сите деца и возрасни депортирани за време на војната.

„Ирска ја потврдува својата непоколеблива солидарност со луѓето и владата на Украина. Силно го осудуваме киднапирањето на овие деца и инсистираме на нивно ослободување“, рече премиерот на Ирска.

„Децата никогаш не треба да се користат за воени и политички цели. Затоа, сите ние кои сме собрани денес тука мора да работиме со целата меѓународна заедница за да обезбедиме враќање на сите деца дома“, додаде министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Џоли.

Формирањето на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца беше иницирано за време на состанокот на советниците за национална безбедност и надворешна политика во Малта за спроведување на Мировната формула на украинскиот претседател Володомир Зеленски. Целта на првиот состанок на коалицијата е да се утврдат практични чекори за земјите членки за поддршка на Украина во нејзината мисија за враќање на депортираните и присилно раселенети деца дома. Исто така, има за цел да ги ангажира земјите од коалицијата во спроведување на конкретни проекти и обврски за обезбедување безбедна репатријација, рехабилитација и интеграција на засегнатите деца.

На состанокот, Коалицијата ја претстави Декларацијата за враќање на противправно депортираните и присилно раселените украински деца назад во Украина, која е отворена за потпишување од други држави и меѓународни организации.

Според документот, страните се согласуваат да ги вложат сите можни напори за репатријација на децата кои се противправно депортирани од страна на Руската Федерација. Декларацијата, исто така, се обврзува да го поддржи процесот на повторно обединување на овие деца со нивните семејства и нивно сместување во семејни средини. Понатаму, Декларацијата вклучува одредби за обезбедување на целата неопходна хуманитарна, медицинска и психолошка помош на децата и нивните семејства кои претрпеле противправна депортација.

Дополнително, ја истакнува поддршката за меѓународните напори да се повикаат на одговорност оние кои се одговорни за организирање на нелегалната депортација и раселување на украинските деца.

Превод: Н. Цветковска