Албанскиот премиер Еди Рама рече дека „самоослабнатата дипломатска позиција на Косово во очите“ на САД и Европската унија, ја отежнува неговата земја да помогне во решавањето на ситуацијата во северно Косово. На седницата на Собранието во врска со резолуцијата за Косово, Рама рече дека „дипломатското жртвување на Србија благодарение на политичките подароци великодушно добиени од грешките на официјална Приштина во процесот на дијалог“, исто така, влијае на напорите на Албанија.

Рама го повика Косово да не ја пропушти „историската шанса“ да седне на преговарачката маса за француско-германскиот план и да ја формира Заедницата која, според него, стана „јаже што ги стега нозете на Косово“. Тој уште еднаш потврди дека КФОР треба да ја преземе контролата на северот, а Косово ја формира Заедницата.

„Не треба да се држи јаже околу нозете, кое само го попречува Косово на неговиот пат, да стане дел од ОН, НАТО и ЕУ. Јажето мора да се тргне час поскоро. Не е потребна наука, потребна е ладна логика за да се разбере дека дури и без да постои, се претвора во јаже“, рече Рама.

Рама ги даде овие коментари за време на дебатата за усвојување на резолуцијата за Косово, во која се вели дека „албанскиот парламент целосно и едногласно ја поддржува резолуцијата усвоена на 28 септември во Собранието на Косово“. Исто така, со оваа резолуција, Собранието бара од уставните институции на Албанија „во сите меѓународни инстанци и во билатералните контакти со партнерите силно да се ангажираат и да ги преземат сите неопходни активности за да се овозможи меѓународна истрага во врска со терористичкиот чин на северот на Косово“. Резолуцијата ја охрабрува Владата на Косово да „работи рака под рака и безрезервно да се обедини“ со своите стратешки сојузници, Европската унија и Соединетите Американски Држави, со оглед на процесот на постигнување конечен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и конечното признавање на Косово.

Шкелзен Аќифи