Економското поврзување и создавањето на регионален економски пазар е во фокусот на Самитот на Берлинскиот процес кој се одржува во Тирана. Процесот има за цел економски да ги поврзе земјите од Западен Балкан, пред тие да се зачленат во Европската Унија. Македонската делегација ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, кој откри за кои проекти ќе бара дополнително финансирање.

„Имав состанок и со претседателката на Европската Банка, г-ѓа Рено-Басон и разговаравме конкретно за проектите коишто се финансирани од страна на ЕБРД, во однос на поврзувањето на Коридорот 8 со Албанија, како и на проектите коишто се однесуваат на финансирање на енергетските проекти во државата и на интерконекцијата со Грција во однос на гасното поврзување“, рече Ковачевски.

Домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека голема е разликата меѓу земјите-кандидатки и земјите-членки на економски план. Тој истакна дека Унијата издвојува 4517 евра по глава жител годишно за земјите-членки, додека само 138 евра по глава на жител за земјите од регионот. Рама воедно беше скептичен за поставувањето рокови за проширувањето на Унијата, како што е на пример 2030 година и порача процесот да се заснова на заслуги. Тој даде и предлог како земјите од Западен Балкан да станат поблиски до Унијата пред целосно да се зачленат. Од друга страна, претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел кажа дека е време ЕУ да испорача, а регионот да продолжи со реформите.

„Зарем не би било повеќе фер и поефикасно да се размислува за доделување на статус на земја член-набљудувач, за земјите кои отвориле пристапни преговори но се уште не се полноправни членки. Таков преоден статус ќе гарантира одредени привилегии, секако без правото на глас, и од него значителни придобивки ќе имаат сите инволвирани страни и ќе се покаже политичко единство во демократска Европа, но ќе има и одговорност кај раководствата во Западен Балкан“, рече Рама.

„Мора да бидеме подготвени од двете страни за проширување до 2030 година. Знам дека овој рок беше пречекан со скептицизам во вашиот регион, зашто долго чекате. Еди, знам дека еднаш проширувањето го спореди со невеста којашто никогаш не се појавува на свадбата, но сакам да ти кажам дека всушност невестата не се подготвува активно за свадбата“, рече Шарл Мишел – претседател на Европски совет.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен порача регионот да ја грабне можноста и да го искористи овој, како што вели, одлучувачки момент.

„Земјите од Западен Балкан мора да го комплетираат својот регионален заеднички пазар. Тоа значи да се исполни условот земјите од регионот да дадат пристап на нивните соседи на својот пазар. Со други зборови, ако се прават блокади единствено самите ќе се блокирате , а другите ќе продолжат напред, а за да се продолжи потребни се реформи во бизнис климата“, рече фон дер Лејен.

Во рамки на Берлинскиот процес, во Тирана денеска се потпишува Договор за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите од страна на лидерите на земјите од Западен Балкан, како и продолжување на Договорот со кој се признаваат професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите.

Лука Андреев