Путин без ни малку емпатија – се уште јавно не им оддал почит на жртвите од нападот во Москва

Повеќе од една недела откако вооружени напаѓачи упаднаа во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва, при што загинаа 144 луѓе а повредени се стотици други, Путин се уште јавно не се сретна со преживеаните, ниту го посетил местото на нападот, пишува АФП.

Рускиот претседател имаше јавно обраќање еден ден по трагедијата. Во четвртокот Кремљ јасно стави до знаење дека Путин нема намера веднаш да се сретне со семејствата на жртвите, ниту да оди на местото на трагедијата.

Западни дипломати, главно американски и европски, но и од африканските и латиноамериканските земји, денеска положија цвеќе пред концертната сала и со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков се обиде да го оправда својот лидер соопштувајќи дека иако тој се уште не бил на ниту едно оддавање почит на жртвите од нападот, ниту пак ги посетил нивните семејства или повредените, сепак чувствувал болка и се справувал со трагедијата на свој начин.

Кремљ не даде никакви индикации оваа недела дека рускиот лидер планира да ги посети роднините на загинатите во нападот, најсмртоносниот во земјата во последните две децении.

Наместо тоа, безбедносните агенции го префрлија фокусот на тоа кој е одговорен, приведувајќи десетина осомничени, вклучително и четворицата наводни напаѓачи од Таџикистан.

Иако Путин призна дека „радикални исламисти“ го извршиле масакрот, тој сепак продолжи да тврди дека „главниот непријател Украина“ е некако вмешана, без да обезбеди никакви докази.

Г. Т.