Европскиот политички врв наредниве два дена заседава во Гранада, Шпанија. Дел од темите на неформалниот самит на земјите-членки на ЕУ, кој ќе се одржи во петок, ќе биде и процесот на проширувањето. Според првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел фактот дека темата ќе се постави на маса е моќен сигнал за земјите-кандидати. Оваа средба е увертира на декемврискиот Самит на лидерите на земјите-членки, кога ќе би се носеле крупните одлуки.

„На Самитот на ЕУ во декември очекувам одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, согласно извештајот на Европската комисија за усогласеноста на државите-кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели“, вели Мишел.

Во интервју за португалски медиуми, Мишел додаде дека декември ќе биде важен месец, кога покрај европерспективата за земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, може да се очекува и зелено светло за старт на формални пристапни преговори со Украина и Молдавија. Тој повтори дека останува на зацртаниот рок за проширување на Унијата до 2030 година.
Според Мишел, земјите од Западен Балкан дваесет години чекаат да влезат во ЕУ и од таа причина во регионот веќе расте влијанието на Русија и Кина.

„Останувам на оваа цел и овој рок. Тоа им е јасно на сите. Зошто е важен овој датум? Затоа што тоа е јасен поттик за сите нас да се подготвиме и да ги забрзаме нашите напори. Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки“, додава Мишел.

Во меѓувреме, весникот Фајненшел тајмс објави дека Европската Унија летово работела на обемна студија за да дознае колку би го чинило Брисел проширувањето на Унијата во 2030 година со нови девет земји. Според проценката, проширувањето би чинело околу 256 милијарди евра. Покрај земјите од Западен Балкан, во пресметките влегле и Украина, Молдавија и Грузија. Само за Украина би требале 183 милијарди.

Додека ЕУ за проширувањето и миграциите ќе дебатира во петок, утре на истото место, во поширок круг ќе се одржи самитот на Европската политичка заедница, која ги вклучува сите земји од континентот. Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.

Лука Андреев