Институтот за јавно здравје и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување денеска ќе ја промовира веб-страницата за методите на контрацепција.

Станува збор за прва двојзична веб-страница во земјава, која е целосно посветена на контрацептивните средства. Замислена е да биде веродостоен извор на информации на македонски и албански јазик и им е наменета најмногу на младите, но и на сите здравствени работници и соработници кои советуваат за семејно планирање според медицина базирана на докази.

На прес-конференцијата по овој повод, презентирано ќе биде и националното упатство на Министерството за здравство со кое и семејните лекари и гинеколозите можат да информираат, советуваат и издаваат рецепти за користење модерна контрацепција.

– Ваквото олеснување на пристапот до информации е исклучително важно со оглед на фактот дека стапката на користење модерна контрацепција кај нас е исклучително ниска, а методот на „повлекување“ најчесто користеното контрацептивно средство меѓу младите, велат од ХЕРА.

На конференцијата за печат ќе зборуваат проф. Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје, проф. д-р Катарина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје и Андријана Папиќ Манчева од ХЕРА.

Веб-страницата за контрацепција е изработена во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, Центарот за семејна медицина – Медицински факултет Скопје и Македонското лекарско друштво со поддршка од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.