Европската ракометна куќа (ЕХФ) му изрече привремена суспензија на раководителот на Натпреварувачката комисија, македонскиот претставник Драган Начевски. ЕХФ преку официјално соопштение се обрати на јавноста и детално ја разјасни ситуацијата според првичните докази.

Причината за тоа е поради претпазливост, а доаѓа по наводи на данската телевизиска куќа „ТВ2“ која обвини за манипулирање на натпревари. До ЕХФ е доставена документација во вид на видеа од состанкот на Начевски со одреден бизнисмен, со цел да се вметне кинески тим во СЕХА лигата. Спорниот момент е кога се споменал договор за местење и договарање на резултати од натпревари.

Иако ЕХФ во своето официјално соопштение пишува дека Начевски директно одбил таква можност, се наведува дека не се дистанцирал доволно од темата. Поради тоа, за да се зачува интегритетот на спортот е донесена одлуката за суспензија, барем додека се разгледаат доказите.

Случајот на Начевски ќе биде под истрага на австриските власти, меѓутоа и самостојните органи кои ги има ЕХФ. Европската федерација јавно откри дека нема став ниту доволно докази на темата, меѓутоа привремената суспензија за Македонецот е неминовна.

Инаку, „ТВ2“ е телевизиската куќа која пред некое време ги нападна најдобрите македонски судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски за местење натпревари. Тогаш ЕХФ застана во одбрана на своите арбитри./Gоl.мк/

Прикажи повеќе