Претставничкиот дом на САД во четвртокот го усвои републиканскиот план со кој би се обезбедиле 14,3 милијарди долари помош за Израел во борбата против милитантната група Хамас. Одлуката беше усвоена со 226 гласа „за“ и 196 „против“. Повеќето републиканци го поддржаа законот, а повеќето демократи се спротиставија.

Воведувањето на оваа мерка е првата голема легислатива под водство на новиот претседател на Претставничкиот дом од редот на републиканците, Мајк Џонсон.

Демократите се противат на усвојувањето на законот бидејќи тој не вклучува помош за Украина и според нив, ќе доведе до намалување на буџетот за Даночната управа на САД. Водачот на мнозинството во Сенатот, демократот Чак Шумер, рече дека законот нема да успее во Сенатот, дури и ако го помине Претставничкиот дом.

Претседателот на САД, Џо Бајден, претходно најави вето на ваквиот план, барајќи од Конгресот да одобри поширок пакет од 106 милијарди долари, вклучувајќи финансиска помош за Израел, Тајван и Украина, како и хуманитарна помош.

Републиканците имаат мнозинство во Претставничкиот дом, но колегите на Бајден, демократите, го контролираат Сенатот. За да стане закон, нацрт-законот треба да помине и во Домот и во Сенатот и да биде потпишан од Бајден.