По што најмногу ќе се памети 2023 година?

Австралија ќе биде меѓу првите кои ќе се збогуваат со рекордно најжешката година, затворајќи ги турбулентните 12 месеци обележани со паметни чет-ботови, климатски кризи и ужасни војни во Газа и Украина. Светската популација, сега повеќе од осум милијарди луѓе, ќе ја испрати 2023 година и ќе ја дочека Новата година, а многумина се надеваат дека ќе бидат ослободени од товарот на високите животни трошоци и глобалните немири.

Во Сиднеј, самопрогласената „светска метропола на новогодишната ноќ“, се очекуваат над милион посетители да го окупираат брегот на градот. Пред Сиднеј, жителите на островскиот архипелаг Кирибати и Самоа, а потоа и Нов Зеланд ќе зачекорат во новата 2024 година.

Дури и пред да падне ноќта, десетици илјади луѓе се собраа на местата за набљудување околу култниот градски мост Harbour Bridge во Сиднеј, пркосејќи му на невообичаено влажното време. На полноќ осум тони огномет ќе го осветлат небото на влезот во 2024 година, која ќе донесе избори за половина од светското население и Летни олимписки игри во Париз.

Изминатите 12 месеци го донесоа „Барбигедон“ на благајните, ширење на алатките за вештачка интелигенција и првата трансплантација на цело око во светот. Индија ја престигна Кина како најнаселена земја во светот, а потоа стана првата нација која спушти ракета на темната страна на Месечината. Ова беше и најтоплата година од почетокот на мерењата во 1880 година, со серија климатски катастрофи.

Обожавателите се збогуваа со „кралицата на рокенролот“ Тина Тарнер, актерот од серијата „Пријатели“ Метју Пери, англо-ирскиот кантавтор Шејн Мекгован и дистопискиот романсиер од светска класа Кормак Мекарти.

Можеби повеќе од било што друго, 2023 година ќе биде запаметена по војната на Блискиот Исток, што започна по нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври и жестоката израелска одмазда.

Г. Т.