Клучните предизвици со кои се соочува Алијансата и натамошните чекори за зајакнување на одбранбените капацитети, но и приближувањето на Украина кон Алијансата ќе бидат клучните теми на кои ќе се осврнат лидерите на земјите-членки на НАТО денеска и утре на Самитот во Вилнус.

На Самитот, делегацијата од земјава ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во нејзиниот состав се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На состанокот освен лидерите на 31 земја-членка на НАТО ќе присуствува и Шведска, која е во исчекување да стане 32. членка на Алијансата и чиј прием беше забавен поради приговорите на Турција, која смета дека Стокхолм е премногу мек кон групите кои Анкара ги обвинува дека претставуваат безбедносна закана, вклучително и курдски милитантни групи и поединци поврзани со обидот за пуч во Турција во 2016 година.

Но, по вчерашната средба на Столтенберг со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон на повидок е отворање на процесот.

Прикажи повеќе