Починатиот политичкиот затвореник Навални беше трн во окото на Путин

Затворениот руски опозициски лидер и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој стана светски познат кога беше отруен со нервен агенс во 2020 година, почина на 47-годишна возраст, соопшти руската затворска служба.

Навални долго време беше трн во окото на претседателот Владимир Путин, откривајќи ја корупцијата на високи места, водејќи кампања против владејачката партија Единствена Русија и организирајќи некои од најголемите антивладини протести видени во последниве години, пишува Си-ен-ен.

По неговото враќање во Русија во 2021 година од Германија, каде што бил лекуван откако бил отруен со Новичок, нервен агенс од советската ера, Навалнви беше брзо уапсен под обвиненија кои ги отфрли како политички мотивирани. Оттогаш тој остана затворен, поради долготрајната загриженост за неговата здравствена состојба која стана поинтензивна во последните неколку недели, откако беше префрлен во казнена колонија северно од Арктичкиот круг.

Навални „се чувствувал лошо по прошетка“ и „речиси веднаш“ ја изгубил свеста, соопшти затворската служба во петокот. Се вели дека ја истражува неговата „ненадејна смрт“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин е информиран за извештаите и дека лекарите треба да ја утврдат причината за смртта на Навални.

„Колку што сме запознаени, во согласност со сите правила, затворската служба врши проверки и појаснувања“, изјави Песков за новинарите. Запрашан за извештаите дека смртта вклучува згрутчување на крвта, тој одговори: „Не знам. Лекарите мора да го откријат тоа“.

Портпаролот на Навални, Кира Јармиш, рече дека неговиот адвокат патува во Харп, каде што Навални се наоѓа од декември.

„Штом ќе имаме каква било информација, ќе ја пријавиме“, напиша Јармиш на X.

Пријавената смрт на Навалани доаѓа непосредно пред претседателските избори во Русија, кои треба да се одржат на 17 март, каде што Путин се смета дека ќе го освои петтиот мандат во потег со кој ќе ја задржи власта најмалку до 2030 година.

Навални беше осуден на 19 години затвор во август, откако беше прогласен за виновен за создавање екстремистичка заедница, финансирање екстремистички активисти и разни други злосторства. Тој веќе издржуваше казни од 11 и пол години во максимално безбедносен објект за измама и други обвиненија кои тој ги негира.

Четири месеци подоцна, неговите адвокати рекоа дека изгубиле контакт со Навални, за кој се веруваше дека е затворен во казнена колонија на околу 150 милји источно од Москва.

Тој не се појави на неколку закажани судски рочишта во декември. Неговиот правен тим на 22 декември рече дека тој се води за исчезнат 17 дена.

По поднесувањето 680 барања за лоцирање на Навални, неговиот тим на 25 декември објави дека го „нашол“ повеќе од илјада милји подалеку во казнената колонија ИК-3 во Харп, позната како „Поларен волк“.

„Условите таму се сурови, со посебен режим во зоната на вечниот мраз. Многу е тешко да се стигне таму и нема системи за доставување писма“, рече Иван Жданов, директор на антикорупциската фондација на Навални.

Трн во окото на Путин

Навални претставуваше една од најсериозните закани за Путин за време на неговото владеење, кое трае повеќе од две децении. Тој организираше антивладини улични протести и го користеше својот блог и социјалните мрежи за да ја разоткрие корупцијата во Кремљ и во рускиот бизнис.

Неговата борба му донесе светска слава кога беше отруен со Новичок во 2020 година. Навални беше префрлен со хеликоптер од сибирскиот град Омск и пристигна во кома во болница во Берлин.

Заедничката истрага на Си-Ен-Ен и групата Белингкет ја вмешаа Руската служба за безбедност (ФСБ) во труењето на Навални. Истрагата покажа дека тимот за токсини на ФСБ од околу шест до 10 агенти го следел Навални повеќе од три години.

Навални подоцна измамил еден од шпионите, Константин Кудрјавцев, да открие како бил отруен. Тој се претставил како висок функционер од Советот за национална безбедност на Русија, задолжен да спроведе анализа на операцијата за труење и му телефонираше на Кудрјавцев, кој даде детален извештај за тоа како нервните агенси се нанесуваат на гаќите на Навални.

Русија негираше вмешаност во труењето на Налвани во 2020 година. Путин тогаш рече дека ако руската служба за безбедност сакаше да го убие Навални, тие „ќе ја завршеа“ работата.

Сепак, работата ја завршија руските затворски служби.

Реакции од целиот свет за смртта на Алексеј Навални

Голем број европски политичари изразуваат жалење за смртта на Навални, пренесува Би-би-си.

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, вели дека е „тажен и вознемирен од извештаите кои доаѓаат од Русија“.

Смртта на Навални е „страшна вест“, вели британскиот премиер Риши Сунак, кој вели дека „демонстрирал неверојатна храброст во текот на својот живот“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вели дека активистот „својата храброст ја платил со својот живот“.

Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски го повика светот „да го почитува споменот“ на човекот „затворен и мачен до смрт затоа што му се спротивставил на Путин“.

И Крисјанис Каринс – поранешен латвиски премиер и актуелен министер за надворешни работи – вели дека е „длабоко вознемирен“ од веста и вели дека неговата „смрт е целосно на совеста на криминалниот режим на Путин“.

Режимот на Путин одговорен за смртта на Навални

ЕУ смета дека рускиот режим е одговорен за смртта на Навални, вели претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел кој изјави дека блокот смета дека рускиот режим сноси „единствена одговорност“ за „трагичната смрт“ на Навални.

Во објавата на X, Мишел рече дека Навални „се борел за вредностите на слободата и демократијата“ и ја направил „крајната жртва“ за своите идеали.

„Го изразувам моето најдлабоко сочувство до неговото семејство. И до оние кои се борат за демократија ширум светот во најтемни услови. Борците умираат. Но, борбата за слобода никогаш не завршува“, додаде Мишел.

Подготви: Д. Мишев