Тројца пензионирани припадници на американската војска пред Надзорниот одбор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес сведочеа за неидентификувани летечки објекти (НЛО). Поранешниот разузнувач на американското воено воздухопловство, Дејвид Граш, на сослушувањето рече дека владата на САД ги заташкува истражувањата за НЛО, а како што пренесе Би-би-си, тој потенцира и дека американската влада поседува не само НЛО, туку и остатоци од нечовечки пилоти на тие летала.

„’Нечовечки’, а тоа беше проценката на луѓето со директно знаење за програмата со кои разговарав“, рече Граш.

Сепак, како што објасни, тие сознанија не биле од прва рака, туку врз основа на информации што ги добил од други сведоштва.

Според Граш, владините функционери ги потиснале информациите и ги казнувале свиркачите, но тврдеше дека не може да образложи повеќе во јавноста поради законите за класификација.

Дејвид Граш е свиркач што неодамна тврдеше дека американската влада криела докази за најмалку десетина локации каде што се урнале вонземјански летала.

Пензионираниот командант на американската морнарица, Дејвид Фрејвор, пак, ја раскажа својата средба со НЛО во облик на како што рече „тик-так“ во 2004 година, кој се движел на начин што ги збуни авијатичарите, а чии снимки беа објавени во 2017 година и јавно потврдени од американската морнарица две години подоцна, пренесува Би-би-си.

На сведочењето зборуваше и Рајан Грејвс, поранешен борбен пилот на морнарицата, кој рече дека постојано наидувале на мистериозни летечки објекти, кои можеле да останат неподвижни и покрај ветровите на ниво на урагани.

„Ако НЛО се непознати дронови, тогаш тоа е итно прашање на националната безбедност. Ако се нешто друго, тоа е прашање на наука. Во секој случај, неидентификувани летечки објекти се проблем за безбедноста на авијацијата“, рече Грејвс.

Конгресот, како што пренесе Би-би-си , на овој начин отворено ја признава посветеноста да ги истражи НЛО, откако со години пратениците заинтересирани за оваа тема главно приватно ги спроведуваа своите истраги.