По дебатата во бугарската јавност дали власта во Софија ветила старт на преговорите на Македонија со ЕУ до јуни, шефицата на бугарската дипломатија ги негира ваквите тврдења. Таа додава и дека воопшто нема напредок за решавањето на отворените политички прашања во дијалогот со Скопје.

„Никој од тимот на Министерството за надворешни работи во своите разговори и средби со европските партнери, со амбасадори на други држави, членки на ЕУ или НАТО, не отстапил од позицијата и не се прифаќани никакви ангажмани поврзани со рокови“, рече Теодора Генчовска – министерка за надворешни работи на Бугарија.

Темата за евроинтеграцијата на Македонија продолжува да ѝ се заканува на стабилноста на Владата предводена од Кирил Петков.

„Тука црвената линија е голема. Оваа тема може да доведе до потрес во коалицијата. // Оние кои таму некаде воделе разговори зад кулисите, а тие разговори не биле усогласени и споделени со нас, а биле во интерес на тоа по најбрз начин да падне ветото и практично да се тргува со националните интереси, крајно време е да си ја ревидираат позицијата“, рече Станислав Балабанов – партија Има таков народ.

Поради информациите дека официјална Софија наводно ветила почеток на преговорите до јуни, во петок министерката Теодора Генчовска ќе биде ислушана во бугарското Собрание. Засега не е одлучено дали тоа ќе се случи на отворена или затворена седница.

Барање да одговара пред пратениците за дијалогот со Софија, минатата недела пристигна и на адреса на премиерот Димитар Ковачевски, но тој засега не ја прифаќа поканата.

„Владата е максимално фокусирана кон изнаоѓање решение во интензивната комуникација, што ја водат двете Министерства за надворешни работи и на Република Северна Македонија и Република Бугарија. Во моментот кога ќе имаме заеднички прифатлив договор за отворените прашања ќе бидат запознаени сите чинители во државава“, рече Душко Арсовски – портпарол на Владата.

Владиниот портпарол вели дека македонската страна има конструктивен однос за сите различни идеи и предлози за изнаоѓање решение.

Лука Андреев