Федералните обвинители го обвинија Доналд Трамп за неговите напори да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година, во очајнички обид да остане на власт. Обвинението против поранешниот претседател на САД е покренато само неколку недели откако тој беше обвинет за задржување информации за националната одбрана.

Во обвинителните акти составни од четири точки се тврди дека Трамп извршил заговор со цел да го спречи Конгресот да ја потврди победата на претседателот Џо Бајден, а со тоа избирачите биле лишени од нивните права за фер избори.

Гардијан пренесува дека обвинението поднесено пред федералниот окружен суд во Вашингтон, го товари Трамп за една точка за заговор за измама на Соединетите држави, една точка за заговор за попречување на официјална постапка, за опструкција и обид за попречување на официјална постапка и за заговор против правата.

На 45 страници специјалниот обвинител Џек Смит детално наведува како Трамп и неговите сојузници свесно ширеле лажни наводи за изборна измама, свикале лажни електори и се обиделе да го блокираат потврдувањето на изборите. По негов повик, подржувачи на Трамп го нападнаа американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во обид да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Бајден.

Трамп, кој во моментов е предводник во трката за претседателски кандидат од републиканците ги отфрли обвиненијата како политички мотивирани.

„Ова не е ништо повеќе од последното корумпирано поглавје во континуираниот патетичен обид на криминалното семејство Бајден и нивното вооружено Министерство за правда да се мешаат во претседателските избори во 2024 година“, рече Трамп.