Сите летови на аеродромот Лутон во Лондон денеска беа откажани и од жителите беше побарано да не патуваат таму, откако голем пожар го зафати паркингот на терминалот.

Од аеродромот соопштија дека пожарот се проширил од еден автомобил без да наведат дополнителни детали, пренесува Би-би-си.

Во гаснењето на пожарот кој зафати половина од катната зграда учествуваа 15 противпожарни возила.

Паркингот на терминалот претрпел „значителна структурална штета“ и до 1.200 возила можеби биле на паркингот во моментот на пожарот, а можеби биле оштетени потоа, соопшти противпожарната служба на округот Бедфордшир.

Четворица пожарникари се пренесени во болница поради вдишување чад.

Летовите беа прекинати до 12 часот поради безбедноста на патниците и персоналот, соопштија од аеродромот.

Стотици луѓе во моментов се блокирани во Лутон, без начин да се вратат дома.

Многумина потврдија за Би-Би-Си дека нивните автомобили се на паркингот.

Лондонскиот аеродром Лутон е петти по големина аеродром во Обединетото кралство по Хитроу, Гетвик, Манчестер и Станстед, со повеќе од 13 милиони патници во 2022 година.

Лутон е приближно 56 километри северно од центарот на Лондон и е еден од неколкуте меѓународни аеродроми кои го опслужуваат градот.