Повторно одложено гласањето на Советот за безбедност на ОН за помош за жителите во Газа

Обидувајќи се да избегне ново американско вето, Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа, по вторпат во два дена, го одложи гласањето за нацрт-резолуцијата на арапските држави со која се повикува на некаков облик на запирање на борбите во Појасот Газа за да се овозможи хуманитарна помош.

Првично закажано за понеделник, гласањето беше одложено за денеска, информира МИА.

Членовите на Советот за безбедност останаа во интензивни преговори бидејќи САД побараа повеќе време. Разговорите беа во тек во обид претставникот на владата на претседателот Џо Бајден да се воздржи или да гласа за резолуцијата.

Нацрт-резолуцијата претставена во понеделникот наутро бараше „итен и одржлив прекин на непријателствата“, но таа формулација беше намалена во новиот текст на предлогот поднесен во вторникот.

Сега се „повикува на итен прекин на непријателствата за да се овозможи безбеден и непречен хуманитарен пристап и итни чекори кон одржлив прекин на непријателствата“. Соединетите Американски Држави претходно се спротивставија на спомнувањето на „прекин на непријателствата“.

Предлогот, исто така, ги повикува ОН да воспостават механизам за следење на испораката на помош. Како што е наведено, тоа може да биде проблематично бидејќи ја заобиколува израелската инспекција на пратки со помош што влегуваат во Газа.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, во вторникот попладне, кога гласањето се уште беше закажано за 17 часот, изјави дека сè уште работат на модалитетите на резолуцијата.

„За нас е важно остатокот од светот да разбере што е тука во прашање и што направи Хамас на 7 октомври и како Израел има право да се брани од тие закани“, рече Кирби.