Папата повика на молитва за мир во маченичка Украина и израелско-палестинскиот конфликт

Папата Франциск, на својата неделна општа аудиенција на плоштадот Свети Петар, уште еднаш повика на мир со преговори и ги осуди крвавите конфликти во Украина и Појасот Газа.

– Никогаш не смееме да заборавиме дека војната секогаш води до пораз, не можеме да продолжиме да живееме во војна, мора да вложиме максимални напори да посредуваме, да преговараме за крај на војната, да се молиме за тоа, наведе папата Франциск, спомнувајќи ги „маченичка“ Украина и израелско-палестинскиот конфликт.

Осумдесет и седумгодишниот поглавар на Римокатоличката црква, кој има проблеми со подвижноста и боледува од настинки и напади на бронхитис во изминатите неколку недели, повторно не го прочита поголемиот дел од говорот, истакнувајќи дека е принуден да ги ограничи јавните настапи.