Граѓаните на Унгарија денеска ќе гласаат на парламентарните избори на кои долгогодишниот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес се пред најголемиот предизвик досега.

За разлика од претходните изборни циклуси, кога убедливо победи, 58-годишниот Орбан сега има сериозен ривал, коалицијата Обединети за Унгарија, шестпартиска алијанса предводена од кандидатот за мандатар, 49-годишниот економист, Петер Марки-Зај.

Анкетите покажуваат дека Фидес има мала предност, но и дека исходот од изборите е неизвесен. Според анкетата спроведена од 23 до 25 март, владата на Орбан ја поддржуваат 44 отсто од гласачите, а опозицијата 42 отсто, со маргина на грешка од 3,5 отсто.

Орбан, кој е на чело на владата од мај 2010 година, се бори за четврти последователен мандат како премиер, или вкупно петти. Неговата кампања се засноваше на ветувањето дека ќе ги зачува мирот и безбедноста и ќе обезбеди продолжување на увозот на енергија од Русија, за време на војната во Украина, со која се граничи Унгарија.

Унгарската влада гласаше за повеќето санкции што ЕУ ги воведе кон Русија и дозволи распоредување на војници на НАТО во Унгарија, но одби да испрати оружје во Украина и не дозволи транзит на оружје преку унгарско-украинската граница.

Орбан, кој негува блиски политички и економски врски со Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин повеќе од една деценија, ја осуди руската инвазија на Украина, но прогласи неутралност на Унгарија во конфликтот.

Неговата влада жестоко лобира против забраната за увоз на руска енергија, тврдејќи дека таквиот потег ќе ја уништи економијата на Унгарија. Орбан ја заснова кампањата на обвнувања дека опозициската коалиција, доколку победи, ќе ја вовлече Унгарија во војна.