Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) предупреди на опасноста од масовен недостиг на храна и широко распространет глад во Појасот Газа, додека речиси целокупното население во палестинската енклава има очајна потреба од помош во храна, пренесува британски „Гардијан“.

Извршната директорка на ова тело на Обединетите нации, Синди Мекејн, во изјава дадена вчера рече дека резервите на храна и вода практично не постојат во Газа и дека цивилите се соочуваат со непосредна можност од глад.

Инаку, според информациите што ги пренесува британскиот весник, комуникациските системи во Појасот Газа не работат веќе втор ден поради што хуманитарните агенции ја запреа прекуграничната испорака на хуманитарни материјали.

Предупредувањата за опасноста од глад доаѓаат во период кога Израел навлегува сè подлабоко во градот Газа и додека неговите војници ја пребаруваат најголемата болница во Појасот – „Ал Шифа“, трагајќи по командниот центар на Хамас за кој војската тврди дека се наоѓа под зградата, јавува „Асошиејтед прес“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) на социјалните објавија фотографии и видеа од, како што тврдат, влез во еден од подземните тунели што ги користат милитантите на Хамас, како и оружје пронајдено во камион во болничкиот комплекс.