ОН повикаа да се соберат 4.2 милијарди долари хуманитарна помош за Украина

Заменикот генерален секретар на ОН, Мартин Грифитс, повика да се соберат 4.2 милијарди долари хуманитарна помош за настраданото од војна население на Украина, како и за украинските бегалци и заедниците во регионот кои ги примаат тие бегалци.

Според него, таква помош годинава ќе биде потребна за 40 отсто од населението на Украина, пренесува МИА.

-Идниот месец ќе настапи третата година од оваа сеопфатна војна и окупација, изјави Грифитс, кој е заменик на генералниот секретар по хуманитарните прашања и координира итна помош.

Тој истакна дека иако војната во источна Украина започна пред десет години, „ескалацијата во 2022 година придонесе кон сосема ново ниво на смрт, деструкција и очај, и исто така, конечно, поток од бегалци“.

Според ОН, во војната што започна на 24 фебруари 2022 година со руската инвазија на Украина, досега загинале најмалаку 10.000 мирни жители, вклучително и 560 деца, а повеќе од 18.500 луѓе се ранети. Околу четири милиони Украинци се внатрешно раселени, а околу 6.3 милиони се бегалци кои заминале во соседните европски земји.

Според Грифитс, годинава помош им е потребна на 14.6 милиони луѓе „или цели 40 отсто од населението на Украина“ како и милиони бегалци кои живеат во 11 земји од регионот.