Обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, вклучително и анексот за имплементација, ќе бидат вклучени во европските процеси поврзани со Косово.

Во нацрт-заклучоците од претстојниот министерски состанок, од Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања, ќе биде побарано да ја ажурира агендата на следната косовска Специјална група за нормализација за да ги одрази обврските на Косово кои произлегуваат од Договорот и Анексот за негова имплементација.

Овие заклучоци до кои има пристап Радио Слободна Европа (РСЕ) треба да ги усвојат министрите за европски прашања на Советот за општи работи што ќе се одржи на 12 декември. Истите заклучоци потоа ќе ги потврдат и лидерите на земјите од ЕУ на самитот закажан за 14 и 15 декември.

Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 27 февруари во Брисел постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. На средбата што се одржа на 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Прикажи повеќе