Нов Зеланд ќе ја забрани продажбата на тутун на своите помлади генерации во обид на крајот целосно да се откаже од пушењето, пишува Би-Би-Си.

Никој роден по 2008 година нема да може да купува цигари или тутунски производи во текот на својот живот, според предлог-законот што треба да се донесе следната година.

„Сакаме да се погрижиме младите никогаш да не почнат да пушат“, рече министерот за здравство Др. Ајша Верал.

Овој потег е дел од сеопфатната борба против пушењето презентирана од Министерството за здравство на Нов Зеланд. Лекарите и другите здравствени работници во земјата ја поздравија оваа „водечка во светот“ реформа која ќе го намали пристапот до тутун и ќе го ограничи нивото на никотин во цигарите.

„Ова ќе им помогне на луѓето да се откажат од пушењето или да се префрлат на помалку штетни производи и да се намали веројатноста младите да станат зависни од никотин“, вели професорката Џенет Хук од Универзитетот во Отаго.

Нов Зеланд е решен да ја постигне целта за намалување на националната стапка на пушење на 5 проценти до 2025 година, со цел конечно целосно да се елиминира употребата на тутун.

Во моментов, околу 13 отсто од возрасните во Нов Зеланд пушат, што е помалку од 18 отсто кои пушеле пред околу десет години. Но, стапката на пушачи е многу повисока – околу 31 процент – кај домородното население Маори, кое има повисока стапка на морбидитет и смртност.