Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026, подготвена од страна на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, беше разгледана и усвоена од страна на Владата на РСМ, на предлог од Министерството за труд и социјална политика. Усвојувањето на оваа Стратегија е резултат на соработката помеѓу Владата и НМСМ со цел поддршка на добросостојбата на младите како врвен приоритет на секое општество и претставува кулминација на активностите на НМСМ за унапредување на менталното здравје кај младите, спроведувани повеќе од три години.

„Усвојувањето на ваков документ е од особена важност затоа што истражувањата покажуваат дека 64% од младите се соочуваат со депресија, 55% од младите се соочуваат со стрес, 58% се борат со анксиозност, 56% имаат суицидални мисли, а 67% сметаат дека е потребна подобра грижа за менталното здравје. Овие статистички податоци се потврдуваат и преку фактот дека најчитаните содржини во историјата на НМСМ се прирачниците за ментално здравје кои даваат совети како младите да препознаат и да се справат со стрес, анксиозност и депресија. Веруваме дека преку доследна имплементација на стратегијата во наредните години, значително ќе се подобри благосостојбата на младите и ќе се креира широк спектар на механизми за поддршка и грижа за нивното ментално здравје.“ – истакнува Филип Ивковски, Претседател на НМСМ.

Стратегијата се фокусира на проактивни мерки и активности за спречување и рана интервенција на проблемите со менталното здравје кај младите, ја нагласува потребата за намалување на стигмата и подигнување на свеста за менталното здравје и има за цел да го подобри пристапот до квалитетни услуги за ментално здравје за младите. Воедно, Стратегијата ја нагласува важноста на соработката меѓу различни засегнати страни, за да се создаде холистички и координиран пристап кон менталното здравје, како и значењето на собирањето податоци и истражувањето за да се стекне сеопфатно разбирање за потребите за ментално здравје на младите луѓе.

Во време кога младите се соочуваат со сериозни предизвици, ваквиот документ е од исклучително значење и претставува институционализирана, стратешка и системска поддршка за менталното здравје и благосостојбата на младите на национално ниво. Дополнително, усвојувањето на Стратегијата е и потврда за вредноста и значењето на вклучувањето на младите во процесите на носење одлуки и креирање политики, како и за застапувачките активности кои ги спроведува Националниот младински совет на Македонија.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.