„Netflix“ минатата година објави дека во текот на 2023 година, фокусот на компанијата ќе биде ставен на ставање крај на можноста за користење на еден профил од голем број луѓе на оваа стриминг платформа. Сега тој план почна да го спроведува во дело.

Популарната услуга сега истакна дека на сите корисници кои нема да платат за споделување на лозинката со сопственикот на сметката, ќе им биде забрането да користат „Netflix“.

Компанијата откри и детали за тоа како планира да се бори против споделувањето лозинки. Прво ќе важи за корисниците во САД, а потоа и на глобално ниво.

„Netflix“ истакнува дека корисниците на „Netflix Standard“ планот (15,49 долари месечно) ќе можат да додадат уште еден член кој ќе може да ја користи услугата надвор од домаќинството на сопственикот на сметката по цена од 7,99 долари месечно.

Корисниците на пакетот „Netflix Premium“, кој овозможува стриминг во 4K резолуција, ќе можат да додадат до два дополнителни членови, по цена од 7,99 долари месечно за секој од нив.

Од друга страна, корисниците на најевтините планови (Standard со реклами од 6,9 долари месечно и без реклами од 9,99 долари месечно) нема да можат да додаваат дополнителни членови на нивната сметка за користење.

„Netflix“ исто така ја ажурираше својата страница за поддршка, која нуди нови информации за споделување лозинки. Има и објаснување како се дефинираат дополнителни членови кои можат да ја користат сметката. Така, тие мора да се активираат во иста земја, можат да гледаат или преземаат содржини само на еден уред во исто време и не можат да создаваат дополнителни профили или да се најавуваат како детски профил.

„Netflix“ ќе ги информира корисниците за новата политика и правила за користење преку е-пошта.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.