Полицијата во Париз синоќа употребила палки, солзавец и шок-бомби за да разбие толпа демонстранти кои протестирале против пензиските реформи. Полицијата со полна опрема ги нападнала демонстрантите кои на плоштадот во центарот на Париз запалиле плински канистри.

Advertisements

Министерот за внатрешни работи на Франција Жералд Дарманин соопшти дека полицијата уапсила вкупно 111 лица, како и дека во судирите со демонстрантите биле повредени 154 полицајци. Тој изјави дека само во Париз се приведени 45 лица, а ранети се 77 полицајци.

Бројот на демонстранти е многу помал од претходните протести на 28 март, кога властите избројаа 740.000 демонстранти во Франција, од кои 93.000 во Париз. Инциденти избија денеска во Париз, Рен, Марсеј.

Во Париз инцидентот се случи пред ресторанот „Ла Ротонд, каде претседателот Емануел Макрон го прослави влегувањето во вториот круг од претседателските избори во 2017 година. Инциденти пред тој ресторан направија и членови на граѓанското движење Жолти елеци за време на протестот во 2020 година.

На 20 март, француската влада усвои закон за пензиските реформи користејќи уставно право, заобиколувајќи го гласањето во парламентот.

Следен чекор е изјаснувањето на Уставниот совет кој на 14 април ќе го изнесе својот став за уставноста на законот.

Меѓу другото, реформата предвидува подолг работен век од две години, пензија на 64, наместо на 62, на што се противат граѓаните.

Нови протести се закажани за 13 април.