Мртви и ранети во израелската рација на болницата Ал Шифа во Газа

Голем број на мртви и ранети Палестинци има во рацијата што војската на Израел, обвинет за геноцид, ја спроведе во медицинскиот комплекс Ал Шифа во западниот дел на градот Газа, пренесува Агенцијата Анадолу.

Очевидците наведоа дека израелските тенкови и воени возила, под силен оган, ненадејно влегле во западните делови на градот Газа и ја опколиле болницата Ал Шифа, каде што се наоѓале илјадници раселени, болни и повредени лица.

Израелските сили гаѓале некои делови на болницата со гранати и беспилотни летала.

Некои од луѓето во болницата успеале да го напуштат медицинскиот комплекс пред рацијата, а израелските сили ја гаѓале болницата и пукале кон неа, убивајќи ги и ранувајќи ги Палестинците што се наоѓале таму.

Израелската војска објави дека започнала операција во болницата Ал Шифа во западниот дел на градот Газа.

Израелската државна телевизија Кан, повикувајќи се на извори од израелската војска, објави дека е „извршена рација во болницата Ал Шифа откако добиле разузнавачки податоци дека ја користеле официјални претставници на Хамас“.

„Израелските сили беа изложени на оган од здравствениот комплекс (болницата Ал Шифа) и одговорија на ист начин, ранувајќи две лица“, се вели во веста.

Портпаролот на израелската војска, Авичај Адри, изјави дека израелските војници и силите на интерната разузнавачка единица Шабак (Шин-Бет) „работат на спречување на терористички активности и фаќање на напаѓачите“ во болницата Ал Шифа.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Во овие напади досега се убиени најмалку 31.645 Палестинци, а 73.676 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок.

По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со ненамален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Х. С.