Повеќе од две години, десетици луѓе во канадската провинција Њу Бранзвик страдаат од вознемирувачка низа невролошки симптоми што поттикна шпекулации дека се жртви на непозната дегенеративна болест, пишува Гардијан.

Властите во покраината треба наскоро да објават извештај, по што треба да се знае дали случаите се меѓусебно поврзани, или едноставно е погрешна дијагноза или клиничка грешка. Но, додека јавноста чека одговори, оние кои се борат со тешки симптоми велат дека се оставени сами да се снаоѓаат.

Жртвите и нивните семејства го опишуваат застрашувачкото влошување на телото и умот, во комбинација со агонија од чекање за каква било информација.

Габриел Кормиер (20) сонувала да се запише на медицински факултет. Но, во 2019 година започнале болки во мускулите и тешкотии со концентрирање и гледање. Нејзиното семејство на почетокот мислело дека тоа е спортски замор. Меѓутоа, Габриел набрзо повеќе не можела да одржува рамнотежа.

Оваа млада жена сега оди со бастун, тешко зборува и не може доволно да се фокусира за да оди на настава на факултет. Нејзиниот сон да стане доктор полека ѝ се измолкнува.

Пошироката јавност првпат стана свесна за мистериозната болест минатиот март, откако протече владин документ во кој се бара од лекарите да внимаваат на пациентите со симптоми слични на болеста Кројцфелд-Јакоб или „кравјо лудило“. Владата тогаш го нарече „група невролошки симптоми од непозната причина“.

Во тоа време, научниците од покраината работеа со федералните колеги за да се обидат да најдат одговори. Внатрешните документи покажаа дека низа тестови дадоа само неубедливи резултати, па локалните здравствени единици почнаа да ја истражуваат можноста причината да се крие во околината, вклучувајќи сино-зелени алги, отрови од школка, хронична болест на осиромашување, па дури и глифосат, контроверзни шумски хербициди.

До 150 случаи?

Владата откри 48 случаи минатата пролет, иако медицински извори велат дека бројот е поблиску до 150, а многу од засегнатите се луѓе на возраст од дваесет и триесет години.

Регионалните власти сѐ повеќе се убедени дека сепак не се работи за мистериозна болест која се појавила во областа. Октомвриски извештај ја отфрли можноста случаите да се поврзани или да има некои токсини во храната, а претходните студии покажаа дека осум лица од засегнатата група починале од непознати причини.

Провинцијата Њу Бранзвик не одговори на новинарско прашање до каде е истрагата и дали планираат да истражат евентуална контаминација на животната средина.

Надлежните не соопштуваат кога ќе биде објавен точниот извештај, а семејствата на пациентите велат дека се држат во незнаење.

„Престануваме да истражуваме“

Претходно овој месец, Јохане Баучер, една од првите 48 пациенти, доби писмо од комисијата во кое се вели дека таа повеќе не се смета за случај што треба да се истражува.

Бев во шок“, напиша таа во пораката до новинарот на Гардијан, бидејќи повеќе не може да зборува од крајот на 2021 година.

„Веќе не можам ни кафе да нарачам. Единствено што можам е да пишувам. После четири години ме прегледаа двајца невролози и ми направија безброј тестови. Не знаат што ми е. Болеста сè уште е непозната’, пишува таа.

Во меѓувреме, соработката со федералните власти беше ненадејно прекината минатата пролет и локалните власти ја презедоа истрагата. Тие формираа надзорен комитет кој ќе ги преиспита наводните случаи и ќе утврди дали се појавиле грешки во дијагностичкиот процес.