Кошаркарската репрезентација на Македонија ги започна подготовките за квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година.

Прв предизвик за „црвено-жолтите“ ќе биде селекцијата на Шпанија, а мечот со нетрпение го најави Адем Мекиќ.

„Пред се, ќе ја бараме шансата во домашните натпревари, затоа што мислам дека ниту една репрезентација не е непобедлива. Сите знаеме која е Шпанија, светски првак и европски шампион во повеќе наврати, но претпоставувам дека и таа Шпанија ќе дојде со втор состав. Тие ќе имаат сигурно желба да се докажат, но сите знаеме дека Македонија кога игра дома пред свои навивачи е тежок противник. Верувам во овој состав, можеме да изненадиме, како што кажав претходно, шансата ја гледаме во домашните натпревари. Но, ќе одиме да се надигруваме со секоја репрезентација и на гости“, изјави Мекиќ.

Натпреварот меѓу Македонија и Шпанија се игра на 26 ноември во СЦ „Јане Сандански“, додека три дена подоцна тимот гостува кај вториот ривал во групата, тоа е Украина.