Легендарниот Мајк Тајсон е нов тренер на поранешниот УФЦ шампион, Френсис Нгану и ќе биде дел од неговиот тим за мечот во кој ќе се сретне со светскиот првак во тешка категорија, Тајсон Фјури. „Челичниот Мајк“ ја потврди оваа информација и даде изјава за американските медиуми, во која вели дека го поддржува Нгану и сака да му помогне да биде уште подобар борец.

„Не е никаква тајна, имам почит за Френсис и го поддржувам максимално. Тој има неверојатно снажен удар од кој паѓаат и најголемите борци на светот. Ако ве нападне, немате никакви шанси и играта е готова.

Се радувам што ќе бидам дел од неговиот тим и ќе дадам сѐ од себе за да му помогнам. Сакам да биде уште подобар борец, затоа што поседува неверојатен потенцијал. Драго ми е што Нгану го замени октагонот со боксерскиот ринг, а јас ќе се обидам моето знаење и искуство да му ги пренесам на најдобар можен начин“, изјави Тајсон.

Френсис Нгану ќе се соочи со Тајсон Фјури на 28 октомври годинава. Медиумите го најавуваат овој дуел како еден од најголемите спектакли во последните десетина години. Мечот ќе се одржи во Саудиска Арабија и ќе биде со класични боксерски правила, без никакви отстапки.

Прикажи повеќе