Македонската кошаркарска репрезентација ја започнува мисијата за пласман во главните квалификации за Олимписките игри во Париз, кои ќе се одржат следното лето.

Момците на селекторот Александар Јончевски денес се соочуваат со Израел во првиот од трите меча што ќе ги одиграат во главниот град на Естонија, Талин. Македонија за жал ќе го нема во составот одличниот Ненад Димитријевиќ, кој го откажа настапот поради повреда, но во тимот ќе го имаме Ти-Џеј Шортс, од кого јавноста очекува да биде еден од лидерите на паркетот. Задачата нема да биде лесна, другите репрезентации имаат солиден ростер и се очекува голема битка за секој поен.

Репрезентативците одработеа солидни подготовки, одиграа и два пријателски натпревари со Полска (на двата загубивме), а селекторот Јончевски беше искрен и рече дека тимот мора да напредува во неколку сегменти, особено во борбата под обрачите. Полска е навистина силна репрезентација и беше голем фаворит во овие натпревари, но и Македонија покажа дека има свои адути на кои може да се „потпре“.

Првиот предизвик се вика Израел, а нашите момци се надеваат на успешно отворање на претквалификациите. Македонија ќе одигра уште два меча, по еден против Естонија и Чешка, по што се надеваме дека нашиот национален тим ќе биде на едно од првите две места во групата, кои водат во понатамошните квалификации кои ќе се одиграат во полскиот град Гливице

Прикажи повеќе