Литванија ќе и испорача 3.000 борбени дронови на Украина, тврди литванската премиерка Шимоните

Литванија денеска соопшти дека ќе и достави на Украина околу 3.000 борбени беспилотни летала и дека ќе придонесе за рехабилитација на украинските војници кои се борат на фронтот.

„Во блиска иднина, Литванија ќе купи за Украина околу 3.000 борбени дронови ФПВ од литванско производство во вредност од два милиони евра“, рече литванската премиерка Ингрида Шимоните на заедничката прес-конференција со нејзиниот украински колега Денис Шмигал.

Според неа, беспилотните летала би можеле да бидат испорачани во Украина во текот на годинава.

Литванската премиерка додаде дека нејзината земја ќе помогне да се формираат три центри за рехабилитација за украинските војници – во градовите Лавов, Днепар и Житомир.