Косовскиот премиер Албин Курти го прифати барањето на западните претставници за средба со главните европски лидери утре во Брисел. Косовската влада соопшти дека Курти изразил согласност новиот план да биде рамка за продолжување на понатамошните разговори со сојузничките држави, САД, Германија, Франција и Италија кои, според Приштина, треба да обезбедат силна безбедносна компонента и да ги зајакнат изгледите за членство на Косово во меѓународните организации. Курти ќе се сретне и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Средбата ќе биде во насока со дискусиите иницирани со 5-тте емисари за време на нивната посета на Приштина на 21 октомври на која тие предложија нов план кој вклучува посеопфатен пакет на имплементација на Основниот договор заедно со предлог-нацрт за имплементација на член 7“, наведуваат од косовската влада.

А, пред да замине за Брисел Албин Курти изјави дека е очигледно дека нема да има дијалог ако Србија не биде казнета и санкционирана за она што го сторила, мислејќи на нападот на 24 септември во северно Косово. Во изјава за Фајненшл тајмс, Курти додаде: „Ќе завршиме со неуспешен кризен менаџмент и целосно ќе заборавиме на нормализацијата на односите ако за Србија нема санкции“.

Брисел ги повика Курти и српскиот претседател Вучиќ откако западните пратеници ги повикаа две земји да продолжат за процесот за нормализација на односите и со спроведувањето на договореното. Утре Курти и Вучиќ ќе имаат одвоени средби со францускиот претседател Макрон, италијанската премиерка Мелони, германскиот канцелар Шолц и со шефот за надворешна политика на Европската унија, Борел.

Алсат

Прикажи повеќе