Кои се најмногу и најмалку среќни земји во светот за 2024?

Среќата, како и љубовта, е можеби една од најмалку разбраните и најбараните емоции и искуства во човечкиот живот.

Среќа е кога она што го мислите, она што го кажувате и она што го правите, се во хармонија. – МАХАТМА ГАНДИ

Податоците од спроведеното истражување на светската организација Галуп за нивоата на среќа низ светот покажуваат дека Финска (7,7), Данска (7,6) и Исланд (7,5) остануваат трите најсреќни земји и во 2024 година, задржувајќи ги позициите од претходната година.

Во анкетата биле опфатени по околу 1.000 испитаници во речиси секоја земја за различни прашања, од кои едно било да се оцени нивниот моментален живот на скала од 0 до 10. Светскиот извештај за среќа на Галуп потоа прави пресек на резултатот од проценките на животот по земја во период од три години (2021-2023 година за овогодинешното издание) и се рангира од највисоко до најниско.

Од вкупно рангирани 143 држави, Северна Македонија (5,4) се наоѓа на 84-то место. Од земјите во регионов, најсреќно е Косово (6,6) на 29-то место. Потоа следува Србија (6,4) на 37-ма позиција, Хрватска (5,9) на 63-то место, Грција (5,9) на 64-то место и БиХ (5,9) на 65-то место. Црна Гора (5,7) се наоѓа на 76-то место, а Бугарија (5,5) на 81-во. Најмалку среќна од балканските земји е Албанија (5,3) на 87-ма позиција.

Интересен податок е што САД (6,7) и Германија (6,7) не се наоѓаат ниту меѓу првите 20 најсреќни земји на листата за разлика од претходната година. Тие сега го заземаа 23-то, односно 24-то место

Корелацијата меѓу големината на населението и среќата може јасно да се види кога се гледаат првите 20 места на рангирањето на среќата.

Во првите 10 само Холандија и Австралија имаат население над 15 милиони. Во првите 20 рангирани, само Канада и Велика Британија имаат население над 30 милиони жители.

Украина, по повеќе од две години борба против руската инвазија, е најнесреќната земја (4,9) во Европа, рангирана на 105-то место, додека Русија (5,8) е рангирана на 72 место.

На последно место во Светскиот извештај за среќа на Галуп се наоѓа Авганистан со пресметано ниво на среќа од 1,7.

Г. Т.