Климатска криза, циркуларна економија и праведна транзиција во фокусот на неформалниот состанок на министрите за животна средина на ЕУ

Климатското приспособување и отпорност, улогата на циркуларната економија во справувањето со климатската криза и спроведувањето на праведната транзиција ќе бидат главни теми на дводневниот неформален состанок на министрите за животна средина за земјите членки на ЕУ што денеска и утре ќе се одржи во Брисел.

Како што соопшти Европската комисија, на неформалниот министерски состанок ќе присуствуваат и еврокомесарите за климатска акција и за животна средина, океани и рибарство, Вопке Хукстра и Виргинијус Синкевичиус, јави МИА.

Во текот на денешниот ден Хукстра и европските министри за животна средина ќе дискутираат за климатското приспособување и отпорност, како и за можностите на ЕУ за справување со идните климатски ризици.

За време на работниот ручек, учесниците на состанокот ќе дискутираат за климатските цели и политики на ЕУ, имплементацијата на договорот од Самитот за климата КОП28, за законодавството поврзано со Зелениот договор, како и за намалувањето на емисиите на штетни гасови до 2040 година.

Во попладневниот дел од заседанието дебатата ќе биде посветена на усогласување на Политичката рамка за праведна транзиција прилагодена на иднината.

Утре, пак, еврокомесарот Синкевичиус и министрите ќе расправаат за суштинската улога на циркуларната економија во остварувањето на целите за климатска неутралност на ЕУ, обнова на биолошката разновидност и остварување на нулто ниво на загадување.

Дебатата ќе се фокусира на активностите на Унијата за забрзување и зајакнување на зелената транзиција и одржливо управување со ресурсите врз основа на напредокот постигнат согласно Планот на ЕУ за циркуларна економија и Регулативата за екодизајн на одржливи производи.

Согласно правилата на ЕУ, неформалните состаноци се средби на кои само се разгледуваат одредени прашања и се дебатира по нив, но не се носат никакви одлуки.